САД и Франција не ја исклучуваат можноста за испорака на борбени авиони на Украина, посочија денеска претставниците на двете земји.
На прашањето дали Вашингтон ја разгледува таа опција, Џон Фајнер, заменик-советник за национална безбедност на американскиот претседател, за телевизијата Ем-Ес-Ен-Би-Си изјави дека ниту еден вооружен систем не е исклучен.
Поддршката, вели тој, ќе биде прилагодена на тоа што и треба на Украина и „ќе разговараме за тоа многу внимателно“, рече Фајнер, пренесува Дојче веле.
Според пишувањата на британските медиуми, слична изјава во Лондон дал и претседателот на Одборот за одбрана на француското национално Собрание, Томас Гасиу.
-Барањата мораме да ги испитаме од случај до случај и притоа сите врати да ги оставаме отворени, додаде тој.
Полската влада најави дека ќе го поддржи НАТО доколку одлучи да и испорача борбени авиони на Украина.
-Мислам дека ние, НАТО, треба да бидеме похрабри, рече премиерот Матеуш Моравјецки во изјава за француската телевизија LCI.
Но, како што нагласи, тоа може да биде само одлука на НАТО во целина.
Од друга страна, германскиот канцелар Олаф Шолц ја отфрли можноста за испорака на борбени авиони. Претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски повтори дека неговата земја има потреба од дополнителни испораки на оружје, покрај сега ветените борбени тенкови.
-Руската агресија може да се запре само со соодветно оружје, рече Зеленски во своето редовно ноќно видео обраќање до сонародниците, додавајќи дека, меѓу другото, се потребни и борбени авиони.