Македонија и Литванија ќе ја продлабочуваат соработката во дигиталната безбедност

Во рамки на работната посета на Литванија, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски остварил билатерална средба со заменик-министерот за национална одбрана Томас Годлиаускас, на која главен фокус бил ставен на сајбер-безбедноста и справувањето со современите дигитални закани.

На средбата било разговарано за размена на искуства, зајакнување на институционалните капацитети и унапредување на соработката меѓу двете земји во областа на дигиталната безбедност.

Андоновски посочил дека сајбер-безбедноста е клучен предуслов за успешна дигитална трансформација и заштита на институциите и граѓаните.

„Градењето отпорност во сајбер-просторот е прашање на соработка и координација. Денешните дигитални закани не познаваат граници, затоа одговорот мора да биде заеднички, организиран и заснован на доверба меѓу институциите и партнерите. За Македонија е особено важно да учи од земји како Литванија, кои успешно ги поврзуваат одбранбените, цивилните и технолошките капацитети во единствен систем на заштита“, истакнал Андоновски.

Презентиран литванскиот модел за справување со сајбер-закани

Во рамки на средбата била одржана и презентација од Националниот центар за сајбер-безбедност на Литванија, при што бил претставен моделот на земјата за координација, превенција и одговор на сајбер-инциденти.

На состанокот било нагласено дека Литванија има сериозно искуство во областа на националната сајбер-отпорност и дигиталната безбедност, а соработката меѓу двете земји е важна и во рамки на НАТО.

Заменик-министерот Годлиаускас истакнал дека Литванија ја гледа Македонија како партнерска и пријателска земја со која постои простор за продлабочување на соработката.

„Литванија не ја гледа Македонија само како НАТО-сојузник, туку и како пријателска земја со која постои простор за продлабочување на соработката во областите од заеднички интерес“, посочил Годлиаускас.

Од Министерството оценуваат дека средбата претставува значаен чекор во продлабочувањето на билатералната соработка во областа на сајбер-безбедноста меѓу двете држави.