Иако новите мерки кои стапуваат денеска во сила, првично се однесуваа само на затворени простори, сега, во објавената одлука од надлежните министерства има промени во однос на ноќните клубови.

За кафулињата и рестораните, мерката само за вакцинирани гости се однесува само на внатрешните делови, додека пак за ноќните клубови важи и за оние на отворено и на затворено.

Ова, како што пренесува МИА, во пракса значи дека за забавување во ноќен клуб во Грција, дури и да е летен клубот, потребен е или сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19, а оваа мерка за грчкиот ноќен живот важи и за туристите.

При влезот ќе се врши проверка на сертификатите преку специјалната апликација „Covid free GR“, заедно со документ за лична идентификација, а државјаните од трети земји, односно туристите, исто така ќе треба да го покажат нивниот сертификат.

Ноќните клубови ќе работат со 85 отсто од капацитетот и исто како и во кафулињата, забрането е стоење, а гостите треба да седат.