Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на прес-конференција од седиштето на партијата порача – СДСМ започнува теренски активности.

„Најтешкото е зад нас, но предизвици се уште постојат. Треба мобилизација. СДСМ од денеска започнува со теренски активности, меѓу народот, рамо до рамо со народот, во 946 места во целата држава, за да го чуеме нивниот глас. Да дадеме отчет за сработеното. Доаѓаме со нашите пратеници, советници, со нашите претставници за сите заедно да разговараме со граѓаните, за подобра иднина на татковината, а не затоа што идната година ќе има избори. Ќе слушаме внимателно и внимателно ќе говориме. Успешно се справивме со економската криза. Никој не беше оставен сам, ниту фалеше храна, ниту снема струја“ рече Ковачевски.

Тој рече дека македонската држава е фактор на стабилност во регионот, продолжува растот на платите, но и на пензиите.

„Со деструктивната континуирана омраза на опозицијата преку апокалиптични сценарија за колапс, граѓаните денеска прават разлика кој седи на страна и блокира а кој менаџира процеси во криза. Деструктивниот потпалувачки опозициски наратив под секое ниво не е добар за општеството. Но ние тоа на пироманите од Левица и ВМРО-ДПМНЕ нема да им го дозволиме. СДСМ е рамо до рамо со граѓаните и ќе ги разобличиме промашените пропаганди“, додаде Ковачевски.

„СДСМ никогаш нема да се откаже од европската иднина на земјата. Да ги преминеме сите препреки. Ќе продолжиме да се бориме за подобро утре, и да ја завршиме работата“ порача Ковачевски.