Според Изет Меџит, назначувањето на Бујар Осман за координатор на огранокот на ДУИ во Чаир е политички реваншизам од страна на Али Ахмети кон оние кои имаат поинакво мислење во ДУИ. Меџити вели дека функцијата политички координатор во огранок не постои како позиција во органите на ДУИ. Според него, назначувањата од ваков тип претходно предизвикале сериозни последици, објави Zoom.mk.

„Трагичен е начинот на реваншизам, односно политичка диференција што се случува во ДУИ, што уште еднаш докажува дека тоа не е тренд, туку разобличување на ДУИ. Смешна работа е и последната информација што ја разбрав од медиумите,за координатор за политички прашања во Чаир, бидејќи таква позиција нема во организациската шема на ДУИ, значи е измислена позиција и историски ова на ДУИ не и носи добро. Во некои случаи имаше сериозни последици кога не се почитуваше статутот, не се почитуваа процедурите, не беше почитувана волјата на граѓаните и гласачите, а особено кога последниот собир беше масовен, еуфоричен“,рече Изет Меџити, потпретседател на ДУИ.

Во меѓувреме продолжи „чистењето“ на институциите од страна на поддржувачите на Огнената група. Аднан Ејупи беше следниот разрешен од функцијата државен секретар во Министерството за политички систем со кое раководи Артан Груби. По разрешувањето, Ејупи рече дека наишол на опструкции од самиот министер Груби, и иронично му се заблагодари на првиот човек на ДУИ Али Ахмети за разрешувањето.

„Точно е дека мојот став кореспондира со оној на Изет Меџити, Блерим Беџети и другите, и тоа не го криев. Точно е дека и јас имав поинакво мислење, па поради тоа ме разрешуваат и ме заменуваат со член на Алијанса за Албанците. На крајот, само сакам да ви кажам благодарам претседателе, за разрешувањето, благодарам што заменивте милитант на нашата партија со поддржувач на Ќасафан во 2008 година“, нагласи Аднан Ејупи- ДУИ.

За разрешувањата и новите именувања и во ДУИ и во извршната власт, Алсат побара изјава и од одговорниот како координатор во огранокот на ДУИ во Чаир, Бујар Османи. Но, Османи беше недостапен.