Сенатот со 59 гласа „за“ и 35 „против“ гласаше за мерката што овозможува предлог-законот за зголемување на горната граница на долгот да биде усвоен со просто мнозинство на претстојното гласање.

Таа мерка во Сенатот ја поддржаа 10 републиканци, меѓу кои и лидерот на републиканското малцинство Мич Меконел, кој на почетокот на неделава изјави дека верува оти оваа мерка е во најдобар интерес на земјата бидејќи со неа се избегнува неисполнување на обврските.

Претставничкиот дом, предводен од демократите, ја одобри мерката во средата навечер со 222 гласа „за“ наспроти 212 „против“, со поддршка само од еден републикански пратеник.

Се очекува Бајден веднаш да ја потпише оваа необична процедурална мерка, со која се отвора пат за усвојување на уште еден предлог-закон во наредните денови, со кој, всушност, владата би добила овластување да позајмува повеќе.