Општина Карпош на 20 јули ќе го одбележи Меѓународниот ден на шахот со организирање на настанот „Шаховско утро“, кој ќе се одржи од 9:00 часот на платото „Млечен“. Настанот е отворен за сите љубители на шахот, без оглед на возраста и нивото на искуство.

Целта на настанот е да се промовира шахот како интелектуална игра што придонесува за развој на логичкото размислување, концентрацијата, стратегиското планирање и спортскиот дух. Воедно, организаторите сакаат преку заедничката игра да поттикнат дружење и меѓугенерациско поврзување.

На „Шаховско утро“ ќе присуствува и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој ќе се приклучи на одбележувањето на Меѓународниот ден на шахот.

Од Општина Карпош упатуваат покана до сите заинтересирани граѓани – деца, млади, возрасни и пензионери – да земат учество во настанот и заедно да го одбележат овој ден посветен на шахот.

Со организирањето на вакви активности, Општина Карпош продолжува да поддржува иницијативи насочени кон промовирање на здрави животни навики, интелектуален развој, спортски дух и активно вклучување на граѓаните во животот на локалната заедница.