На огласот се пријавија 895 кандидати, со што уште еднаш се потврди зголемениот интерес кој последните четири години постојано расте заради подобрените услови за работа.
Честитајќи им го приемот, министерката Шекеринска потенцира дека тие се првите сто војници кои влегуваат во Армијата по целосното воено интегрирање во НАТО.
-За вас тоа е чест, а за нас одговорност да направиме се што треба за да го дадете вашиот максимум. Денеска со гордост можеме да кажеме дека секој припадник на Армијата има два целосни комплети на борбена униформа, чизми, спортска опрема, дека обезбедивме алпинистичка опрема, АБХО опрема, и дека сме влезени во процес на модернизација на Армијата со нови оклопни транспортери и со ново модерно вооружување, порача Шекеринска.
Таа потенцира дека Армијата освен за НАТО е важна и за членството во ЕУ
-Армијата и одбраната не се важни само за нашето НАТО членство, туку и за членството во ЕУ кое ни е исто така стратешки приоритет. Вчера Владата потврди дека Северна Македонија ќе се приклучи на мултинационалната ЕУ борбена група стационирана во Грција, HELBROC, која е дел од заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата и во која ќе даваме придонес со еден лесен пешадиски вод. Со ова покажуваме дека нашите амбиции не завршија со членството во НАТО, туку се зголемија и ќе бидеме аргумент плус и за нашето членство во ЕУ, подвлече министерката.
Министерката Шекеринска истакна и дека со членство во НАТО се зголемија предностите за Армијата.
-Ни се отворија вратите кон еден огромен потенцијал за усовршување во службата која убедена сум ќе го искористат сите припадници на Армијата. Ќе имате прилика да учествувате во многу НАТО обуки, да бидете дел од различни НАТО мисии и да ја покажете истата вештина и истото знаење како сојузничките армии, најави Шекеринска.