Шилегов со остра критика: СДСМ е заробена партија и политички импотентна

Поранешниот градоначалник на Скопје и екс потпретседател на СДСМ, Петре Шилегов, во интервју за неделникот „Фокус“ зборува за состојбите во партијата, за обидите за смена на актуелното раководство и за, како што вели, „распадот“ на СДСМ.

Шилегов: Раководството мора да понесе одговорност

Шилегов вели дека јавно побарал оставка откако претходно имал неколку средби со раководството и со актуелниот претседател на партијата.

Тој посочува дека СДСМ бележи историски слаби резултати во најголемите урбани центри, наведувајќи дека партијата е петта во Скопје, трета во Куманово, Велес, Штип, Битола и Прилеп.

„И вие да имате позиција дека не чувствувате политичка одговорност и се убедувате дека тоа се добри резултати, тоа за мене значи или дека сте политички незрели или свесно ја уништувате оваа приказна“, вели Шилегов.

„Партијата е заробена од одредена структура“

Според Шилегов, СДСМ веќе извесен период е „заробена од одредена структура“.

Тој додава дека во јавноста се зборува за наводен договор меѓу актуелното раководство на СДСМ и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, со цел партијата да биде, како што вели, „ставена во лер“.

Шилегов смета дека СДСМ упорно ги промашува главните теми за политичко дејствување и дека партијата настапува без јасна емоција и убедливост.

„СДСМ е политички импотентна“

„За жал, јас гледам дека СДСМ е политички импотентен“, вели Шилегов, додавајќи дека претставниците на партијата често зборуваат со флоскули и без уверување во она што го кажуваат.

Тој оценува дека наместо да се отвораат теми како сиромаштијата, стопирањето на реформите и суштинските проблеми на граѓаните, политичкиот фокус се насочува кон прашања за кои, според него, однапред се знае дека ќе паднат на Уставен суд.

За следните чекори на „ветераните на СДСМ“, кои, како што велат, имаат цел спас на партијата, повеќе детали се објавени во неделникот „Фокус“.