Грчката полиција уапсила 59-годишен маж осомничен дека стоел зад интернет-страница преку која се продавал напиток наводно наменет за влијание врз резултатите од полициски алкотест. Производот бил промовиран на социјалните мрежи под името „NO POLICE“.

Во рекламите напитокот бил претставуван како средство за лица што консумирале алкохол, но сакале да избегнат позитивен резултат при полициска контрола.

„Си испил премногу и не сакаш да те фатат? NO POLICE напиток“, гласела рекламната порака со која производот се промовирал на социјалните мрежи.

Случајот бил пријавен преку грчката државна платформа gov.gr, по што Службата за борба против електронскиот криминал започнала истрага.

Полицијата утврдила дека 59-годишникот стоел зад интернет-страницата и бил поврзан со компанијата преку која се дистрибуирал напитокот. При претрес во просториите на компанијата во Коридалос биле пронајдени и одземени 99 шишиња од производот, кои потоа биле испратени на лабораториско испитување.

Според објавените податоци, на шишињата немало декларации на грчки јазик. Лабораториските анализи покажале дека напитокот содржел витамини во концентрации до шест пати повисоки од дозволените количества во соодветните одобрени безалкохолни пијалаци.

Во рекламите било наведено дека производот содржи витамин Ц, витамин Б6, зелен чај и кофеин. Едно шише се продавало по цена од 9,90 евра.

Случајот е предаден на надлежното обвинителство, а грчките власти ја продолжуваат истрагата.