Како што рече на на денешната прес-конференција претседателот на Независниот синдикат на државна администрација, Горан Ристески, потребно е да се воведе поефикасен начин на работа на вработените во територијалните противпожарни единици (ТППЕ), но и во Територијална противпожарна единица на Град Скопје (БППЗ).
Тоа значи, како што рече, да се знаат не само работните места преку кои што се распоредени пожарникарите, туку иста висина и иста вредност на бод, за целата противпожарна единица на ниво на цела држава.
Ристески појасни дека бараат измени на Законот за пожарникарство, по итна постапка, во делот на пензионирањето.
– Имаме многу вработени во Противпожарната територијална единица кои со пензионирањето од 2005 година имаат неповолна пензија. По возрасни години, на 58-годишна возраст одат во пензија, тие се веќе истрошен кадар, не можеме да сметаме на нив, рече тој.
Синдикатот денеска остварил средба со директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, каде ги искажале своите барање.
Ристески посочи оти на средбата имале позитивен пристап од страна на директорот на ЦУК, а во текот на денот ќе остварат средба и со директорот на Дирекција за заштита и спасување, Беким Максути.
Како што рече, изминатиот период имале неколку состаноци со претставници на Владата, Дирекција за заштита и спасување, ЦУК, градоначалници, но, појасни, никој досега не се одважил да ја опточне постапката за реконструкција на противпожарниот систем во државата.
– Граѓанинот бара безбедност на својот имот, на своето семејство. Денеска, на состанокот со Стојанче Ангелов имавме позитивни размислувања во насоки на решавање на проблемите. Денеска одиме до Дирекција за заштита и спасување да оставриме средба и со другиот директор Максути, каде што ќе побараме исти работи, односно изедначување на бодовите, и вредноста на бодот, додатоците на плата, како и додаток по основ на бенефиции, по основ на ризик на вработените во противпожарната единица, додаде Ристески.
Прашан за следните чекори доколку не се остварат нивните барања, тој рече дека во тој случај, единствено решение е улицата.
– Нашата последна шанса ни е улицата. Ние одиме на база на преговори, преговараме каде што не примаат. Не примија и претходно, не примија и денеска. Но, доколку нема решение, тогаш ќе го бараме на улица. Бараме прием и кај Петре Шилегов, како претедател на ЗЕЛС, се уште не не прими, повторно ќе поднесеме барање, одговори Ристески.
Тој најави и дека деновиве повторно ќе поднесат барање до министерот на локална самоуправа за решавање на барањата на вработените во територијалните противпожарни единици.