„Нека разберат клетите душмани“,„Никогаш северна, само Македонија“, „Македонија, Македонија“ и пеење на песните „Море сокол пие вода на Вардарот“ и „Едно име имаме“, започна протестот со кој се бара ослободување на осудените за упадот во Собранието на 27 април. На протестот се бараше и оставка на Владата.
„Слобода за македонските патриоти“, „Слобода за Горан Ангелов“, „Слобода за Игор Југ“ се само дел од транспарентите кои ги вејат присутните на протестите. Дел од нив ги носат македонското знаме и знамето од Вергина.
Мирен протест под слоганот „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите“ почна пред Владата, а ќе заврши пред Собранието.
Организаторите на протестот апелираат до сите учесници да се придржуваат на протоколите за време на пандемија и се оградуваат од навредливи скандирања и транспаренти на етничка и верска основа.
Вкупно 211 години затворска казна добија 16 обвинети за „Крвавиот четврток“, односно упадот во Собранието. Апелација во февруари годинава казните ги намали и сите осудени добија вкупно 188 години затвор. Сите беа осудени поради тепањето и крвавите инциденти кои се случија.
На протестот се присутни водачи на политички партии, пратеници, професори.