Македонската делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски вториот ден од саемот „Винска Визија Отврен Балкан“, оствари билатерална средба со премиерката Ана Брнабиќ, по што министерот Благој Бочварски и српскиот колега Горан Весиќ потпишаа меморандум за соработка за изградба на железничка линија и брз воз Скопје-Ниш, објави МРТ.

„Овој Меморандум за соработка се однесува на железничката линија која треба да ги поврзе Атина- Солун- Скопје- Ниш- Белград- Загреб- Љубљана- Салзбург. Секако со крак кон Будимпешта. Конкретно зборуваме за делницата Скопје Ниш-Белград и секако за кракот кој во Скопје ќе се поврзе со Меѓународниот аеродром во Скопје. Се работи за пруга којашто треба да се изгради во должина од околу 50 километри на територијата на Република Северна Македонија во првата фаза, а интенцијата е како што кажа и премиерката на Србија коридорот 10 комплетно да биде изграден со нова пруга којашто ќе биде од Скопје до Солун потоа од Солун до Пиреа и Атина. Комерцијалната брзина на оваа пруга ќе биде најмалку 160 km/h, инаку веќе МТВ на Србија разговара и за зголемување на оваа брзина преку документација која се прави во Србија за патничките возови што ќе овозможи навистина брз проток она што на Балканот не сме го имале, а што сме го гледале во земјите од Западна Европа“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Тој ѝ се заблагодари на Брнабиќ што веќе од утре започнуваме заеднички да го подготвуваме презентирањето на Северна Македонија на World Expo што ќе се одржи во Белград во 2027, бидејќи бевме едни од најсилните поддржувачи домаќин тоа да биде Србија како наш прв сосед и со држава со кое немаме ни едно отворено прашања.

Премиерката Брнабиќ кажа дека доколку успееме да ја направиме брзата пруга на брз и ефикасен начин ќе имаме огромни бенефиции за привлекување на додатни странски инвестиции и во двете држави, и директно ќе имаме добро влијание на БДП од транспортните услуги.

„Сакам да кажам дека ги повикувам партнерите од Република Северна Македонија што побрзо да формираме мешовита комисија за економска соработка. Во минатата година имавме рекордна стокова размена која достигна милијарда и 480 милиони евра, некои 28 проценти повеќе од 2021 година. Ако го погледнеме периодот од последните 10 години стоковата размена помеѓу Северна Македонија и Србија е зголемена за 2,4 пати со 608 милиони евра на една милијарда и 480 милиони евра. Нашиот стоковен извоз порасна за 2,6 пати, увозот за 2,2 пати така што се расте и мешовитата комисија за економска соработка е нешто што може во многу да ја дополнително да ја унапреди таа соработка“, изјави премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

Министерот Благој Бочварски изјави дека заедно со Србија ќе бараат финансиски средства за изградба на брзиот воз од меѓународни финансиски институции, пред сè од ЕУ.

„Со министерот Весиќ во рок од две недели ќе формираме работна група и таа работна група ќе почне да работи на акциски план со динамика за реализација на овој проект. Коридорот 10 за регионот е најзначајниот европски коридор кој не поврзува со Средна Европа и мораме да ги користиме потенцијалите и придобивките, а инвестициите не само што се потребни, туку се и неопходни за да останеме конкурентни на останатите рути во железничкиот и во товарниот транспорт“, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Посетата на Белград на премиерот Ковачевски завршува вечерва со прием на Македонска вечер.

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград, за МРТ