Крмзов бил поврзан со косовски државјани!?

Управата за јавни приходи (УЈП) објави налог за контрола со кој се потврдува поврзаноста на четири фирми со притворениот струмички бизнисмен Ристо Крмзов. Во објавата, датумот на издавање на налогот е наведен како 17 јануари 2024. Наведени се имињата на фирмите, нивните управители, како и патот по кој се пренесувале сопственичките удели.

Според објавеното на Фактор, ММР-Компани Струмица, управувана од Зуле Кармзова Василева, во 2022 прешла во сопственост на Лисав Компани од Качанички пат, Бутел, под управителот Арсим Бериша од Косово Поле. Винас Текстил Струмица со Горанчо Трајков како раководител од јуни 2023 со пренос на удел прешла во сопственост на Гамаши Компани на улица Прашка во Карпош, чиј управител бил извесен Беким Гаши од Гњилане. Арена Метал ЛТ Струмица со Трајков како одговорно лице преминала во октомври 2022 во сопственост на Анерас Компани од улица Прашка, Карпош, но со Едон Мемети од Урошевац како управител. Последна објавена фирма е Васил ВК Компани Струмица со Васе Панајотов како одговорен, чиј сопственички удел бил преземен од Лантус Комерц од Чаир, управувана од Бесим Руди од Гњилане.

Приведен Ристо Крмзов, струмичкиот бизнисмен близок на кланот Заеви

Осомничени 38 лица, штетата се проценува на 90 милиони евра

Крмзов се наоѓа во 30-дневен притвор поради опасност од бегство и влијание врз сведоци. Случајот се води од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое покрена постапка против 23 физички и 15 правни лица.

Како што изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, осомничените се теретат за даночна измама, злосторничко здружување, перење пари и несовесно работење. Според првичните проценки, штетата нанесена врз државниот буџет изнесува околу 90 милиони евра.

Перење пари преку фиктивни договори и продажба на недвижности

Обвинителката Верица Бержецка Крстева објасни дека шемата се засновала на фиктивни договори и трансакции, како и манипулации со ДДВ. Дел од парите биле легализирани преку продажба на деловни простории по вештачки високи цени. Објектите, сите во сопственост на Крмзов, се наоѓале во Струмица.

Во истрагата се опфатени и сметководители, управители на фирми и инспектори на УЈП. Не се исклучува можноста за проширување на постапката со нови осомничени лица и дополнителен временски период.

Претходно Крмзов се најде во центарот на еден од најголемите финансиски скандали во последниве години. По налог на Кривичниот суд, против него е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.

Со ваквите апсења и детали, се открива длабоката мрежа на интереси. Полека, но сигурно, паѓаат маските. Кој се бил дел од криминалната мрежа на Заеви кои со години шефуваа со Македонија?