Снежните врнежи и голомразицата предизвикаа сообраќаен колапс во јужниот дел на Германија. За помалку од 24 часа на патиштата биле регистрирани повеќе од 400 сообраќајни несреќи.
Според податоците на полицијата, само на подрачјето на јужна Горна Баварија, од четвртокот претпладне до петокот наутро биле евидентирани над 400 несреќи.
Во најголем дел од сообраќајките била причинета материјална штета, но во несреќа во близина на Мурнау едно лице се здобило со тешки телесни повреди.
Особено тешка била состојбата на автопатиштата што водат кон Австрија, каде што се формирале долги колони возила.
Делови од автопатот А93 привремено биле затворени за сообраќај, а колоните товарни возила се протегале сè до поширокото подрачје на Минхен.
Полицијата ги повикала граѓаните да ги одложат сите патувања кон австриската покраина Тирол кои не се неопходни.
Проблеми имало и во Долна Баварија, каде што полицијата и противпожарните служби имале околу 80 интервенции поврзани со временските услови.
Германската метеоролошка служба предупредува дека опасноста од голомразица сè уште не е помината.
Во одредени подрачја во близина на Алпите наврнале до 10 сантиметри снег, а ниските температури дополнително го отежнуваат одвивањето на сообраќајот.
За недела се очекуваат врнежи од дожд во западните и северозападните делови на Германија.
Надлежните апелираат до возачите да бидат максимално внимателни, да ја приспособат брзината на условите на патиштата и да одржуваат доволно растојание меѓу возилата.
