Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците повикува на протест.

Имајќи ги предвид актуелните прашања околу средношколскиот и студентскиот стандард (државна матура, субвенциониран студентски оброк и слично), ги покануваме студентите да се придружат на протестот во петок од 12:30 часот пред МОН за заедно да издејствуваме подобрување во образовниот систем, велат тие.

„Овие неколку години, како учесници во образовниот систем, се соочивме со голем број предизвици за кои вреди да се дискутира и да се лобира кај надлежните“ – посочуваат од ОДАС.

Од „Студентски отпор“ велат дека студентите не се задоволни од негрижата од страна на Министерството за образование и наука (МОН) и непочитување на законските рокови за исплата на средствата за субвенциониран студентски оброк и стипендија.

Студентскиот отпор најави дека студентите ќе излезат на протести и ќе блокираат булевари низ главниот град, ако МОН не ги исполни ветувањата кон нив.

Еве го нивниот став:

Веќе влегуваме во третиот месец од новата година а МОН нема ниту едно ветување исполнето односно:

Постојано се доцни со исплата на Субвенциониран студентски оброк. Според законот МОН е задолжен на секој 1-ви од новиот месец да исплаќа средства (околу 2500 денари) за претходниот месец, студентите минатата недела ги примија средствата за Јануари.

Студентите кои се прв пат прифатени за стипендија немаат видено ниту денар, иако минатата година со исплата се почна во месец Ноември, а сега завлегуваме во месец Март.
Континуирано се доцни со исплата на стипендии за студентите кои ја продолжуваат стипендијата – слична ситуација како со субвенционираниот студентски оброк.
Реконструкцијата на студентските домови иако најавувана за 2023та година се’ уште не е започната и нема никаков рок кога би требало да заврши, од МОН велат 2025та, можеби во исто време со зградите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и ФИНКИ.

Преговорите во однос на новиот закон за студентски оброк се одвиваат комплетно нетранспарентно и нема никакви официјални информации во однос на тоа како би се одвивала зголемената исплата од неверојатни 140 денари на дневно ниво, иако моменталниот начин на исплата на средства е на сила до 15 март.

Најнова информација од МОН е дека до 15 Март сите средства ќе бидат исплатени и сите сметки подмирени. Сакаме да веруваме дека е тоа така, иако согласно на досегашното искуство не можеме да бидеме оптимисти и да им веруваме на збор.

Како што гледаме МОН се дрзна и овој самопоставен рок од 15 Март да го запостави, па во таа насока најавуваме протести и блокади на цело Скопје. Не како минатиот пат со еден протест и еден марш туку секојдневна блокада на сите булевари во главниот град.