Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и синдикалните организации на Пошта бараат итна средба со претставници од Владата најдоцна до вторник или среда, на која ќе ги презентираат проблемите кои ги има ова претпријатие. Во спротивно, најавуваат дека ќе организираат протести пред Владата.
Како што се вели во објавата на ССМ на нивната фејсбук страница, најголемиот проблем е тоа што вработените во Пошта на Северна Македонија се уште немаат добиено плата за септември.
– Како што знаете, Синдикатот на македонска пошта и СО на АД Пошта на Северна Македонија при ССМ организираат предупредувачки прекини на работа кои ќе се одвиваат за време на паузата во времетраење од половина час се со цел, да не бидат оштетени корисниците на нивните услуги. Предупредувачките прекини на работа се поради тоа што законската обврска за исплата на плата е до 15-ти во тековниот месец, но до овој момент македонска Пошта нема обезбедено доволно средства за исплата на платите за вработените, потенцираат од ССМ.
За изнаоѓање заедничко решение, во насока на навремено исплаќање на платите на вработените во Пошта, од ССМ бараат итна средба со претставници од Владата, на која ќе ги изнесат своите предлози за надминување на состојбата и видувања за состојбите во Пошта, како и за потребата од изнаоѓање одржлив модел за нормализирање на функционирање на претпријатието.
– Вработените се загрижени за иднината на Пошта и зачувување на работните места, како и со оглед на лошата финансиска состојба на Друштвото, со намалување на приходите, се доведува во прашање редовна исплата на плата. Потребни се итни мерки за надминување и стабилизација на работењето на Пошта, односно преземање итни реформи во севкупното работење во кој клучен фактор е Владата на РСМ, во својство на сопственик на АД Пошта на РСМ, потенцираат од ССМ.
Оттаму посочуваат дека првенствено во насока на стабилизација на Пошта, потребно е Владата итно да им наложи на сите министерства и државни институции да ги користат услугите на Пошта, како давател на универзални поштенски услуги на цела територија на државата.
Исто така, како што појаснуваат, потребно е Агенција за пошти, како регулаторно тело, да си ги извршува обврските за сузбивање со нелојалната конкуренција и нерегуларности на поштенскиот пазар.
-Потребно е итно изготвување на нова систематизација на работни места и реонизација која е од суштинско значење за воведување на професионално работење, како и целосна реорганизација на Пошта, со цел да се врати довербата на граѓаните и да се врати сјајот на Пошта како репрезент на државата. Во овие процеси на внатрешно реформирање, неопходно е директно да се вклучи Владата на РСМ, се наведува во соопштението на ССМ, објавено на Фејсбук.