Безбедносниот аналитичар и поранешен разузнавач Владо Јовановски изнесе тврдења дека одредени интелектуалци во земјата добиваат финансиски надомест за да застапуваат тези за итно внесување на Бугарите во Уставот. Според неговата анализа, во светот на разузнавањето е вообичаена практика странските служби да креираат притисоци преку уцени, компромитација или материјална мотивација за исполнување на државни стратегии.

„Јас со сигурност ви тврдам дека тој е добро платен за тоа, бидејќи се декларира како интелектуалец, а и едното и другото не оди заедно. Значи, да мислиш дека си интелектуалец и да тврдиш дека едно прашање е сосема изолирано од сѐ друго околу и го туркаш како самостојно, е невозможно“, посочува Јовановски.

Тој појаснува дека политичките прашања од ваков калибар не можат да се набљудуваат изолирано, со оглед на тоа што тие носат длабоки историски корени и долгорочни политички последици. Јовановски смета дека едностраното прифаќање на овие барања нема автоматски да го забрза евроинтегративниот процес на државата.

Според него, ваквите разузнавачки операции се спроведуваат плански и систематски, со внимателна селекција на поединци и медиумски простори за ширење на одреден наратив. Тој потсетува дека јавната дебата честопати ги заобиколува Првиот и Вториот протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија, кои претставуваат неделив дел од целиот пакет барања од соседната земја.