Стерјовски, беше на 12-то место на кандидатската листа на Социјалистичката партија во изборната единица Корча.
– На крајот од процесот на пребројување на гласовите на кандидатите за пратеници, сакам да им се заблагодарам на сите граѓани од округот Корча кои ме поддржаа и гласаа за мене на овие парламентарни избори. Благодарност и до сите Македонци од Албанија кои живеат и работат во Македонија и Грција, кои изразија желба на 25 април да дојдат и да гласаат за мене. За жал, Техничкиот комитет на експерти, во врска со мерките за заштита на населението за време на пандемијата со корона вирусот, четири дена пред изборите, воведе двенеделен карантин за секој што доаѓа од Македонија и Грција. Поради тоа, Македонците од овие држави немаа можност да дојдат во Република Албанија и да гласат за мене, изјави Стерјовски.
Според освоените гласови, тој е деветти по ред на листата, што значи дека не успеа да влезе во добитната листа, но е на листата на чекање. Доколку се ослободи место во текот на четиригодишниот мандат на новиот парламентарен состав, додава тој, повторно ќе влезам во парламентот, како и во актуелниот мандат кој трае до осми септември годинава.
– За исправна ја сметаме одлуката на Македонска алијанса за европска интеграција за коалиција со Социјалистичката партија, бидејќи таа е апсолутен победник на овие парламентарни избори. Од новата влада на премиерот Еди Рама очекуваме поголема грижа и инвестиции за регионите каде живеат Македонците во Албанија, и вклучување на Македонците во институциите на системот. Ќе бараме решавање на многубројните проблеми со кои се соочуваат Македонците во Албанија, нагласува тој.
Посочува дека МАЕИ е единствената политичка партија која предизборно беше во коалиција со Социјалистичката партија и верува дека ќе продолжи понатамошната поддршка од Владата за решавање на проблемите на Македонците.
– Минатата недела на терен започна да се спроведува проектот за изградба на водовод за селата во општина Пустец, во вредност од 4 милиони евра, со што ќе се реши еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат Македонците во Општина Пустец, во областа Преспа. Имам целосна верба, дека во третиот мандат на Социјалистичката партија ќе сториме многу повеќе за областа Преспа и регионот Корча, додава Стерјовски.
Благодарение на вложувањата на Владата, нагласува тој, ќе ја претвориме Преспа во вистинска туристичка дестинација.
Ветува дека ќе вложи се од себе, заедно со сите, до крајот на мандатот на 8-ми септември 2021 година да ги оствари обврските на пратеник и достојно да ги претставува во Собранието на Република Албанија.
– Нашиот слоган е: Одиме напред! Нема откажување. Борбата продолжува за права, просперитет, интеграција и економски развој. За трансформација на Преспа, округот Корча, Врбник, областите Голо Брдо и Гора, за трансформација на цела Албанија! Ќе сторам се што е во рамките на можностите и надлежностите, за интеграција на македонската заедница во институциите на власта, и во економскиот и социјалниот живот во Република Албанија, порачува Стерјовски.
Социјалистичката партија на национално ниво е апсолутен победник со освоени 74 од 140 пратенички места.