Македонија во Европската Унија со задржани македонски национални интереси. Само како таква, Македонија може да биде дел од европското семејство, смета пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.
Вели францускиот предлог е непристоен и капитулантски и кога тој ништовен документ кога би се усвоил нема да има никакво значење, затоа што тој не е условот за отпочнување на преговори за влез во ЕУ. Прв услов за тоа е промена на Уставот, за која ова мнозинство нема доволен број на гласови.
Големо НЕ за гаранциите на Урсула Фон дер Лајен во однос на историјата, јазикот и идентитетот. Сите тие доаѓаат, кажуваат и си одат. Тука останува македонскиот народ кој 20 години е тапкан по раменици дека секој ваков говор е последен и одлучувачки… така, до следниот, додава Стојаноска.
Лидер: Големо НЕ од собраниската седница. Вчера токму вие бевте за голем дел од македонскиот народ бевте “хероина“ на денот со кинење на францускиот предлог. Но звукот на кинењето не го предомисли Џафери да ја продолжи седницата. Чиј е инатетот поголем на народот или власта, дали ќе надвладее разумот или чувствата?
– Не бев јас вчера, како што Вие сте напишале во Вашето прашање – хероина под наводници. Не бев јас вчера ниту хероина без наводници. Вистински херои, и не само вчера, туку секој Божји ден, се граѓаните на Република Македонија кои жестоко велат НЕ на ваквиот непристоен и капитулантски предлог. И не се работи тука за никаков инает. Се работи за разум и за чувство за македонскиот национален идентитет.
Лидер: Што можете вие како пратеници да направите и дали имате механизам да спречите усвојување на документ со ваква содржина?
-Ние како пратеници имаме одговорност да кажеме НЕ, затоа што и ние истото го мислиме, како и мнозинството македонски народ. Овој ништовен документ, кога ќе се усвои, нема да има никакво значење, затоа што тој не е условот за отпочнување на преговори за влез во ЕУ. Прв услов за тоа е промена на Уставот, за која ова мнозинство нема доволен број на гласови. И тука ќе им запре се’, дури ќе запре и понатамошниот срам од обиди за менување на историја и учебници, оти без промена на Устав нема да следи никаков чекор плус.
Лидер: Дали говорот на Урсула фон дер Лајен ве увери вас како пратеничка група дека со предлогот се гарантира јазикот, идентитетот и историјата?
-НЕ. Говорот беше можеби 20-ти по ред од висок претставник на ЕУ. Сите тие доаѓаат, кажуваат и си одат. Тука останува македонскиот народ кој 20 години е тапкан по раменици дека секој ваков говор е последен и одлучувачки… така, до следниот.
Лидер: Има ли Македонија друг избор освен влез во ЕУ?
-Македонија никогаш немала и нема да има друг избор, освен ЕУ. Прашањето е само дали и која Македонија ќе влезе во ЕУ. Јас претпочитам тоа да биде Македонија со задржани македонски национални интереси.