За време на официјалната посета на Република Хрватска, претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, во придружба на претседателката на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Хрватска, Благица Ласовска, и членовите на Групата, Димитар Ковачевски, Каљтрина Беќири и Сали Мурати, се сретна со претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.
Средбата беше оценета како потврда на блиските и пријателски односи меѓу двете држави, при што беше истакнато дека Република Хрватска претставува значаен партнер со кој се споделуваат заеднички европски вредности и заложби за европската иднина на регионот.
Претседателот Гаши информираше дека Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Република Хрватска за стратешка соработка беше разгледан и усвоен од Комисијата за надворешна политика на 10 ноември, а веќе е предвиден на дневниот ред на пленарната седница закажана за 1 декември, кога се очекува негово донесување.
Во тој контекст, беше оценето дека Договорот претставува основа за унапредување на билатералните односи и продлабочување на партнерството меѓу двете држави, преку воспоставување конкретни форми на соработка во областите на транспортот, енергетиката, економијата, дигитализацијата, здравството, образованието и безбедноста. Исто така, беше истакнато дека Договорот отвора можности за размена на искуства и знаења, при што особено значење беше дадено на користењето на хрватското искуство во областа на европската интеграција и институционалните реформи, како и на можностите за унапредување на економската соработка.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Република Хрватска за европската перспектива на Република Македонија. Притоа, беше посочено дека хрватското искуство во спроведувањето на реформите и во процесот на пристапување кон Европската Унија претставува значаен извор на знаење и искуства, од особена важност за натамошниот напредок на државата во европската интеграција.
Соговорниците ги поздравија и активностите на двете амбасади насочени кон унапредување на билатералната соработка, односно на амбасадата на Република Македонија во Загреб предводена од амбасадорот Драган Ѓурчевски, како и на амбасадата на Република Хрватска во Скопје на чело со амбасадорката Нивес Тигањ. Двајцата амбасадори беа во постојана придружба во текот на официјалната посета.
