Брижит Макрон е родена како маж – гласина што доведе до судски процес 

Апелациониот суд во Париз донесе ослободителна пресуда за двете Французинки, Наташа Реј и Амандин Рој, обвинети дека ширеле гласина оти Брижит Макрон е родена како маж, објави весникот Le Monde.

Судот ги ослободи по сите 18 точки од тужбата за клевета, поднесена од Брижит Макрон и нејзиниот брат Жан-Мишел Троње.

Контроверзната теорија беше објавена во 2021 година, во четиричасовно интервју на YouTube, во кое Реј и Рој тврдеа дека вистинската Брижит никогаш не постоела, а нејзиниот брат Жан-Мишел го презел нејзиниот идентитет по наводна промена на пол.

Во видеото беа презентирани фотографии, лични податоци, шпекулации за децата на Макрон и медицински интервенции.

Во септември 2023 година, првостепениот суд ги прогласи за виновни, изрекувајќи условна парична казна од по 500 евра, како и вкупна отштета од 13.000 евра во корист на тужителите.

Апелациониот суд, меѓутоа, ја поништи таа пресуда и ги ослободи обвинетите, повикувајќи се на начелото на „добра намера“ во нивното дејствување.

Семејството Макрон ќе поднесе жалба – Брижит отсутна од изрекувањето

„Наташа Реј беше гонета и осудувана. Но, на крајот, таа е ослободена“, изјави нејзиниот адвокат Франсоа Данглент.

Адвокатот на Брижит Макрон, Жан Еноки, најави дека ќе се разгледаат понатамошни правни чекори, бидејќи семејството не се согласува со пресудата. Според Daily Mail, ќе биде поднесена жалба пред Касациониот суд во Франција.

Брижит Макрон не беше присутна при изрекувањето на пресудата, бидејќи се враќала од државна посета на Обединетото Кралство.

Како дополнителен извор на инспирација за гласините се споменува книгата „Becoming Brigitte“ на авторот Ксавије Пусар, кој досега не е тужен од семејството Макрон.