Федерален судија оцени дека претседателот нема овластување самостојно да воведува нови имиграциски давачки
Федерален суд во САД ја поништи одлуката на претседателот Доналд Трамп со која беше предвидено апликантите за H-1B визи да плаќаат такса од 100.000 долари.
Судијата Лео Сорокин пресуди дека воведувањето на ваква давачка не е во надлежност на претседателот, туку исклучиво на американскиот Конгрес.
Во образложението на пресудата се наведува дека предложениот износ претставува финансиска такса, а не административна мерка што може да ја донесе извршната власт. Судот оцени дека Конгресот никогаш не му дал овластување на претседателот да воведува нови имиграциски давачки.
Тужбата против мерката беше поднесена од коалиција државни правобранители од сојузни држави под контрола на Демократската партија.
Администрацијата на Трамп претходно ја бранеше одлуката со образложение дека H-1B програмата често била злоупотребувана и дека се потребни промени во начинот на нејзиното функционирање.
H-1B визите им овозможуваат на високообразувани странски кадри, меѓу кои инженери, лекари, информатички експерти и други професионалци, да работат во САД. Визата се издава на период од три години, со можност за продолжување.
