Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) денеска изјави дека седум милиони луѓе во северниот регион Тиграј во Етиопија имаат потреба од итна помош.

– Повеќе од една година, блокадата лиши седум милиони луѓе во Тиграј од итно неопходна здравствена заштита и пристап до храна. Луѓето умираат, напиша Твитер генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Тој ги повика Етиопија и Еритреја да обезбедат непосреден и безбеден пристап.

„Животот е скапоцен секаде”, нагласи тој.

Во извештајот објавен од Светската програма за храна се предупредува дека околу 13 милиони луѓе во Етиопија, Кенија и Сомалија се соочуваат со силен глад поради најлошите суши од 1981 година.

Конфликтот меѓу етиопската Влада и бунтовниците од Тиграј започна во ноември 2020 година, откако бунтовниците ги нападнаа позициите на армијата низ Тиграј, вклучувајќи го и главниот град Мекеле.