Британскиот крал Чарлс Трети и неговиот помлад син, принцот Хари, тајно се сретнале на кралскиот имот Балморал во Шкотска. Сопругата на Хари, Меган Маркл, и нивните две деца, 7-годишниот принц Арчи и 5-годишната принцеза Лилибет, не присуствувале на оваа средба.
Средбата се одржала на 17 октомври, на директна покана на 78-годишниот монарх, а јавноста за неа дознава дури сега, по повеќе од еден месец. Во Балморал во тој момент не била присутна ниту кралицата Камила, која присуствувала на коњските трки во Аскот, со што таткото и синот имале ретка можност да разговараат целосно насамо.
Ова претставува прва средба на кралот со Хари откако во август годинава војводата од Сасекс со своето семејство се врати во Велика Британија, по шест години поминати во Калифорнија. Според извештаите, таткото и синот се виделе само четирипати од официјалното крунисување на Чарлс во мај 2023 година.
Засега останува непознато за кои теми конкретно разговарале кралот и принцот. Извор упатен во односите во кралското семејство тврди дека постои искрена желба тие да останат во добри релации. Претставниците на Бакингемската палата и портпаролот на принцот Хари одбија да дадат коментар за информациите околу тајната средба.
Во јули годинава, непосредно пред преселбата во Британија, Хари и Меган со децата ги посетија Чарлс и Камила во нивната резиденција Хајгроув. Тоа беше прва средба на кралот со неговите две внучиња по повеќе од четири години. Сепак, додека односите меѓу Хари и неговиот татко постепено се подобруваат, длабокиот раздор меѓу Хари и неговиот постар брат, престолонаследникот Вилијам, сè уште трае непрекинато.
И покрај остварената средба во Балморал, големо семејно помирување за претстојниот Божиќ нема да има. Хари и Меган веќе донеле одлука божиќните празници да ги поминат во својот дом во Калифорнија заедно со мајката на Меган, Дорија Рагланд, со оглед на тоа што двојката последен пат го прослави Божиќ со кралското семејство уште во 2018 година.
