Со длабока почит и неизмерна благодарност се сеќаваме на осумтемина македонски херои кои пред 11 години ги положија своите животи во терористичката акција во кумановско „Диво Насеље“ – Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимоски и Горан Стојменовиќ, објави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој положи свежо цвеќе на споменикот на загинатите полициски службеници во кругот на СВР Куманово.

-Имав чест да положам свежо цвеќе на споменикот на загинатите полициски службеници во кругот на СВР Куманово, а потоа да присуствувам и на меморијалниот турнир во мал фудбал „Хероите живеат вечно“, во чест на нивната жртва, храброст и љубов кон татковината.

Тие беа храбри припадници на македонската полиција кои во најтешките моменти застанаа во одбрана на државата, безбедноста и мирот на граѓаните. Нивната жртва останува врежана во колективната меморија на македонските граѓани како симбол на чест, достоинство и непоколеблива храброст.

Нашата обврска е никогаш да не ги заборавиме и достоинствено да го чуваме споменот за нив. Македонија вечно ќе им биде благодарна.

Хероите живеат вечно!
Нека им е вечна слава!, напиша Тошковски.