Министерството за внатрешни работи и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал – УНОДЦ ќе ја продлабочат соработката во борбата против недозволената трговија со дрога и психотропни супстанции. Во фокусот ќе бидат јакнењето на капацитетите на МВР, финансиските истраги и одземањето на имотот стекнат со криминал.
Ова било договорено на денешната работна средба на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со Данило Рици, регионален претставник на УНОДЦ за Југоисточна Европа.
На средбата биле продолжени разговорите за подобрување на пристапот во справувањето со проблемот со дрогата. Притоа била нагласена важноста од користењето на меѓународните искуства и добри практики, како и од експертската поддршка што ја обезбедува УНОДЦ.
Соговорниците ја истакнале и потребата од координиран пристап што ќе ги поврзе полициското постапување, превентивните мерки и соработката меѓу надлежните институции.
„Борбата против недозволената трговија со дрога бара силни институции, добро обучени полициски службеници и истражители и современи истражни капацитети. Затоа за нас е значајна соработката со UNODC и размената на искуства со меѓународните партнери, особено во делот на истрагите, финансиските текови поврзани со криминалот и одземањето на незаконски стекнатиот имот“, истакна Тошковски.
На средбата била поздравена и конкретната поддршка што УНОДЦ, заедно со Амбасадата на Соединетите Американски Држави, ја обезбедува за спроведување на Националната стратегија за дроги.
Во следните четири дена во Полициската академија ќе се одржува специјализирана обука за истраги поврзани со дрога. Предавачи ќе бидат експерти со искуство во истрагите и кривичното гонење.
Обуката ќе ги поврзе истрагите за трговија со дрога со финансиските истраги, одземањето имот и примената на посебните истражни техники. Целта е дополнително да се унапредат знаењата и практичните капацитети на полициските службеници.
Тошковски нагласил дека ефикасното справување со организираниот криминал поврзан со дрога не завршува со спроведувањето полициска акција и заплената на наркотиците. Според него, истрагите мора да ги опфатат и финансиските текови, како и имотната корист стекната со криминал.
„Целта не е само да ја откриеме дрогата и сторителите. Мора да ги следиме парите, да го откриваме и одземаме имотот стекнат со криминал и да ги користиме сите законски механизми што ни стојат на располагање. Само така можеме посериозно да ги погодиме криминалните структури и нивниот интерес од вршењето на овие кривични дела“, потенцираше министерот.
На средбата била изразена подготвеност соработката меѓу МВР и УНОДЦ да продолжи и во следниот период. Таа ќе се реализира преку експертска поддршка, специјализирани обуки и размена на меѓународни искуства во областите од заеднички интерес.
Регионалниот претставник на УНОДЦ, Данило Рици, ги презентирал проектните активности и работата на организацијата. Тој истакнал дека Министерството за внатрешни работи е значаен и кредибилен партнер во спроведувањето на сите проекти што ги реализира УНОДЦ.
Рици му се заблагодарил на Министерството за внатрешни работи за континуираната поддршка и посветеноста во реализацијата на заедничките иницијативи.
