САД привремено ја запреле воената акција против Иран за да се овозможи продолжување на дипломатските напори, откри американскиот претседател Доналд Трамп. Тој порача дека Вашингтон ѝ дава краток простор на дипломатијата, но предупреди дека, доколку разговорите не дадат резултат, следуваат нови силни воени дејствија.
Во интервју за „Аксиос“, Трамп изјави дека целта на актуелните преговори е постигнување нов договор со Техеран, кој би овозможил повторно отворање на Ормускиот теснец и продолжување на разговорите за иранската нуклеарна програма.
Според него, главниот дел од разговорите се одвива меѓу Иран и Оман, а во дипломатските напори се вклучени и Катар, Пакистан и Египет. Во процесот учествуваат и неговите специјални пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
„Водиме многу сериозни разговори со Иран. Ако не успеат, ќе се вратиме на многу силни воени дејствија“, изјави Трамп.
Американскиот претседател на прашањето колку време е подготвен да ѝ даде шанса на дипломатијата, одговори дека не планира долг процес и дека одлуката ќе зависи од брзината на разговорите.
„Не многу. Или сè ќе се одвива брзо, или воопшто нема да се случи“, рече Трамп.
Тој објасни дека одлуката за привремено запирање на нападите ја донел во петокот, откако тоа било побарано од земјите кои посредуваат во разговорите со Иран.
„Сите што учествуваат во разговорите со Иран ме замолија да не наредувам напади“, изјави Трамп, додавајќи дека верува оти Техеран покажува интерес за постигнување договор.
