Доналд Трамп објави сопствена верзија на ранг-листа на претседателите на САД, на која тој е единствениот што се наоѓа во највисоката категорија. Абрахам Линколн и Џорџ Вашингтон се рангирани едно ниво под него, додека Џо Бајден и Барак Обама се ставени меѓу претседателите означени како „неуспешни“.

Листата што ја објави Трамп претставува изменета верзија на рангирањето на американските претседатели што списанието „Лајф“ го објавило во 1948 година. Тогаш рангирањето било составено врз основа на анкета во која учествувале 55 познавачи на американската историја.

Трамп во голема мера го задржал распоредот од оригиналната листа, но додал и претседатели кои ја извршувале функцијата во поновиот период. Сепак, за разлика од првичната верзија, тој се издвоил себеси и го поставил единствено на самиот врв.

Линколн и Вашингтон во категоријата „Одлични“

Во категоријата „Одлични“ Трамп ги ставил Абрахам Линколн, Џорџ Вашингтон, Франклин Д. Рузвелт, Вудро Вилсон, Томас Џеферсон и Ендру Џексон.

Едно ниво под нив, во категоријата „Речиси одлични“, се наоѓаат Теодор Рузвелт, Гровер Кливленд, Џон Адамс и Џејмс К. Полк.

Категоријата „Просечни“ ја сочинуваат Бил Клинтон, Џон Квинси Адамс, Џејмс Монро и Џејмс Медисон. Во истата група се и Радерфорд Б. Хејс, Мартин Ван Бурен и Вилијам Хауард Тафт.

На следниот дел од листата се наоѓаат Честер А. Артур, Вилијам Мекинли, Ендру Џонсон, Херберт Хувер и Бенџамин Харисон.

Бајден и Обама меѓу „Неуспешните“

Во категоријата „Под просекот“ се рангирани Џон Тајлер, Калвин Кулиџ, Милард Филмор, Закари Тејлор, Џејмс Бјукенен и Френклин Пирс.

Трамп во категоријата „Неуспешни“ ги сместил поранешниот претседател Џо Бајден и Барак Обама. Во истата категорија ги ставил и Јулисес С. Грант, Ворен Г. Хардинг и Џими Картер.

На листата воопшто не се појавуваат повеќе познати американски претседатели. Меѓу нив се Џон Ф. Кенеди, Ричард Никсон, Роналд Реган, како и двајцата претседатели Буш.

Од рангирањето се изоставени и Хари С. Труман, Двајт Д. Ајзенхауер, Линдон Б. Џонсон и Џералд Форд.