Во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судскиот процес за предметот познат како „Државна лотарија“. На денешното рочиште беше сослушан сведокот Андреј Крстевски, актуелен советник за имплементирање проекти во претпријатието, кој претходно извршувал функции на член во Управниот и Надзорниот одбор, како и заменик-директор.

Во судската постапка обвинети се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, како и уште шест други лица. Крстевски детално го опиша носењето на одлуките и постапката преку која се вршела спорната набавка на апаратите.

Сведокот пред обвинителството посочи дека во периодот додека тој бил член на Управниот и Надзорниот одбор, позицијата генерален директор ја извршувала Катица Николова Прнакова, додека Бајрами бил заменик. Според неговите зборови, во текот на мандатот на претходната директорка предлозите биле дополнително правно образложувани, по што органите на управување можеле редовно да комуницираат со правната служба.

За конкретната набавка на ВЛТ апаратите, сведокот појасни дека идејата директно му ја презентирал обвинетиот раководител на институцијата во сопствената канцеларија.

„За набавката на ВЛТ терминалите директорот Перпарим Бајрами ме повика во неговиот кабинет каде што ми беше претставена идејата. Сметам дека ние како членови на Управниот одбор требаше да се изјасниме по оваа точка“, изјави сведокот.

Крстевски објасни дека за веќе реализираната набавка дознал дури откако таа завршила, информирајќи се од вработени кои директно учествувале во набавните комисии.

„Мислам дека не беа ставени во функција, се чекаше за нивни решенија, беа ставени во некој наш магацин“, рече тој во одговор на прашање каде се сега терминалите.

Зборувајќи за релациите помеѓу првообвинетите, тој истакна дека Бајрами и Груби одржувале пријателска комуникација, биле сопартијци кои оделе заедно на партиски собири, а поранешниот директор често го нарекувал вицепремиерот со зборот „шефот“. На прашањата поставени лично од Бајрами, сведокот потврди дека членовите на Управниот одбор се потпирале врз заклучоците на стручните правни и финансиски служби, а потврди и дека поранешната директорка имала блиски релации со „Казино Австрија“.

По завршување на рочиштето, одбраната преку адвокатот Еленко Миланов соопшти дека за набавката постоеле валидна одлука од Надзорниот одбор и официјален заклучок на Владата како хиерархиски повисоки органи од Управниот одбор. Бранителот тврди дека опремата била содржана во годишните финансиски планови и плановите за јавни набавки, подвлекувајќи дека тие се наоѓаат во магацините на претпријатието.

„Не постои никаква пречка овие апарати да бидат пуштени во употреба, да бидат отстапени или продадени на правни субјекти кои што имаат лиценци за приредување на такви игри на среќа. Со тоа, не може да зборуваме за постојење на штета, особено, оно што ќе го чуете од вештите лица, е дека вредността на овие апарати, иако се година и нешто во магацинот на Лотарија, е значително, около 40-50 проценти повисока во овој момент“, рече Миланов.

Освен Груби и Бајрами, во овој судски предмет се обвинети и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Обвинението ги товари за злоупотреба и пречекорување на службените овластувања со што предизвикале материјална штета од 596.125.511 денари, при што сите присутни досега ја отфрлија вината. Случајот го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, процесот го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски, а продолжението е закажано за 6 ноември.