Црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Бајково беше спасена од огнената стихија откако голем шумски пожар попладнево се прошири во атарот на селото, во Општина Ново Село, и се закани да го зафати православниот храм.
Огнот бил забележан околу 16:30 часот на падините на планината Огражден. Поради силниот ветер и сувата вегетација, пожарот брзо се ширел кон црковниот комплекс, поради што храмот и околниот простор биле ставени во сериозна опасност.
Во гаснењето на пожарот биле вклучени пожарникари од Територијалната противпожарна единица Струмица, доброволци од Доброволното противпожарно друштво „Рис“, како и локални жители. Тие заеднички интервенирале за да го запрат огнот пред да стигне до црквата.
Поради сериозноста на ситуацијата, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопштил дека било побарано ангажирање и на два ер-трактори на ДЗС, со цел да се спречи натамошното ширење на пожарот.
Според информациите од терен, главен приоритет на сите екипи бил да се одбрани црквата „Св. апостоли Петар и Павле“ и да не се дозволи пламените јазици да го зафатат храмот и просторот околу него.
Подоцна, градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, информирал дека црквата во Бајково е спасена благодарение на брзата и пожртвувана интервенција на граѓаните од селото Двориште, пожарникарите од ТППЕ Струмица, доброволците од ДПД „Рис – Оперативци“ и Дирекцијата за заштита и спасување.
Божинов јавно им се заблагодарил на сите кои учествувале во акцијата и упатил апел до граѓаните да бидат максимално совесни и одговорни при престој и движење во природа, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од пожари.
До моментот на објавување на информацијата не било соопштено дали има повредени лица, колкава површина е зафатена од пожарот и дали огнот е целосно ставен под контрола.
