Македонскиот дипломат, Миле Миленкоски кој е вмешан во македонско-ерменската афера и кој беше уапсен во Србија кон крајот на август испратил писмо преку своето семејство до редакцијата на „Слободен печат“ во кое бара да биде екстрадиран во Македонија и да му се суди во нашата држава.
-Од страна на Судот ми беа доставени доказите од Ерменија. Во нив нема ништо што би укажувало на моја вина, ниту пак може да има. Копија од доказите е доставена до надлежните институции во РСМ. Верувам дека РСМ е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на РСМ. Притоа, РСМ би побарала од Република Србија да бидам префрлен во РСМ. На овој начин правдата би била задоволена и случајот комплетно разрешен, што е моја најголема желба во моментов, пишува Миленкоски.
Според информациите, по барањето за екстрадикција на Миленкоски во Ерменија идната недела треба да одлучува Апелацискиот суд во Ниш, откако овластен адвокат од Врање го обжалил решението на Вишиот суд во Врање од 22 септември, како причина наведувајќи го „погрешното и непотполно утврдување на фактичката состојба“ во пресудата, како и поради битни повреди на кривичната постапка и погрешната примена на материјалното право.
Дополнително, во настојување Миленкоски наместо во Ерменија, како македонски државјанин и наш дипломат, да биде испорачан во Македонија, во текот на вчерашниот ден, овластен адвокат од семејството на Миленкоски до Јавниот обвинител на РСМ поднел Предлог за преземање на кривично гонење по службена должност, бидејќи Ерменија го обвинува Миленкоски за „недозволено преминување на државна граница“, што е дело кое е опфатено и со Кривичниот законик на РСМ. Адвокатот бара за Миленкоски, кој е странски државјанин за Ерменија, да се води кривична постапка во РСМ, тој тука да биде испорачан од Србија, па доколку биде осуден, затворската казна да ја издрежува во неговата матична држава.
Од семејството информираат дека во изминатите неколку дена тие ги доставиле сите документи што ги поседуваат за случајот до „сите надлежни институции во државава“, бидејќи никој од Македонија официјално не пројавил интерес до судските инстанци во Србија да ја добијат документацијата за случајот со Миленкоски.
Тој тврди дека не е виновен и дека тоа ќе го покаже истрагата.
-Жалам што поради тоа што покрај мојот углед, со овој настан беше нарушен и угледот на МНР и на Владата на РСМ. За ништо на светот не би наштетил на мојата чест и углед, на семејството, на Министерството кое ми даде се во животот, ниту на Владата на РСМ. Бидете уверени дека ни во овој случај нема никаква вина кај мене, ниту прекршок, ни кривично дело, што е случај во целиот мој живот и кариера. Секако, тоа ќе го покаже и истрагата, се вели во писмото на Миленкоски.
Тој беше уапсен во Врање, а македонската јавност тогаш дозна дека тој во 2019 година бил вмешан во извлекување на македонски државјанин од Ерменија кој бил обвинет за кривично дело таму и на кого требало да му се суди. Во меѓувреме тој бил именуван за заменик шеф мисијата на ОБСЕ во Македонија.