Тој истакна дека првата точка е одлука за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче и второта точка, Одлука за разрешување на заменикот министер за здравство Илир Хасани.
– Нашето прашање до собраниското мнозинство и до Владата е уште колку луѓе треба живи да изгорат како пациенти за да се понесе политичка и објективна одговорност за ваквата трагедија која што е резултат на неодговорноста на власта? Во Романија пред 5 дена се случи пожар во болница со загубени 5 човечки животи. Во Македонија пред еден месец изгоре модуларната болница во Тетово, но во Романија падна целата Влада, а во Македонија падна продолжниот кабел со кој што премиерот Заев ја потценува интелегенцијата на сите граѓани и сака да ја сокрие одговорноста на неговиот инкасатор Венко Филипче, министер за здравство, рече Милошоски.
Пратеникот смета дека зелената агенда на ДУИ и СДСМ за жал изгоре со тетовската модуларна болница, со која што изгоре и принципот за политичка и објективна одговорност на носителите на јавни функции кои што треба да се грижат за здравјето на граѓаните, а гледаме дека здравјето и животите на 14 луѓе беа колатерална штета на неодговорната власт.
– Очекуваме претседателот на Собранието согласно членовите 67 и 68 да ја закаже седницата на Собранието во рок пократок од 10 дена, бидејќи сметаме дека оваа состојба е од итен карактер и треба итно да се разреши, додаде Милошоски.