Следната недела се очекуваат и 200.000 дози од кинеската вакцина „Синофарм“, со што вакцинацијата со нив би започнала во вторник на 4 мај, по Велигденските празници.
Филипче информираше дека останале од 3.000 до 5.000 дози на „АстраЗенека“ и 5.000 дози на „Фајзер/Бионтек“, со што би се надополнила вакцинацијата за периодот пред нас. Тој апелираше граѓаните да се пријавуваат на сајтот vakcinacija.mk, каде што до сега се пријавени околу 150.000 граѓани. Вакцинацијата во следниот период ќе тече по возрасни групи.
Во однос на ковид-состојбата, Филипче истакна дека се намалува бројката на новодијагностицирани случаи, на прегледи на граѓани во ковид-центрите, како и на прием на пациенти, и заради тоа, некои болнички одделенија каде што биле за ковид-пациенти ќе бидат затворени и ќе се вратат за нивната првобитна намена.
На почетокот на следната недела ќе се знае за тоа кои рестриктивни мерки ќе важат за празниците.
Инаку, денеска е планирано во А1 арена спортски центар „Борис Трајковски“ да се вакцинираат пратениците од Собранието на РСМ и по тој повод претседателот на Собранието, Талат Џафери даде изјава за медиумите.
Тој изјави дека го изготвил списокот на сите 120 пратеници кои треба да се вакцинираат, но нивна одлука е дали тоа ќе го сторат.
-Кој ќе дојде, а кој не е, лична одлука. Тоа е волја на секој поединец и не е одговорност на Собранието, рече Џафери на пресот со министерот за здравство Венко Филипче во А1 арена спортски центар „Борис Трајковски“, каде што денеска се вакцинираат пратениците како дел од државната инфраструктура.
Филипче информираше дека пратениците ќе се вакцинираат со руската вакцина „Спутник V“.