Како и што очекувавме, СДСМ нуди стари и истрошени кадри, ниту еден човек со кредибилитет не им се нафаќа да биде жртвено јагне во пресрет на очигледниот пораз кој ги очекува СДСМ во октомври. Кандидатите на СДСМ за градоначалници се лица кои смениле и по неколку функции до сега, воопшто не се нови како што велат, многу се подмитливи и тоа се виде по неколку афери кои излегоа за нив и се луѓе со сомнително бизнис минато, анализира портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција:

Конкретно за Битола СДСМ, Зоран Заев, Вице Заев и Васко Ковачевски го прекрстија градот Битола во Стентонград.

Кандидатот на СДСМ за Битола, Христо Кондоски, е дел од бизнис лобито блиско до Вице Заев, дел од групацијата СН и Стентон, чии бизнис партнери се лица кои го стопанисуваат каменоломот над Битола кој ја загадува животната средина и и штети на околината.

Според наши информации Кондоски е лице со криминално минато, кој во 2009 година тој е осуден на условна казна затвор за тешка телесна повреда, а и пред тоа против него се водени неколку постапки пред органите на прогонот. Дали ова е така нека одговорат од СДСМ. Очигледно таму имаме за кандидат насилник во најава.

Е сега, неколку збора за кандидатите за Центар, Куманово, Струмица. Замислете, СДСМ велеа дека нивните градоначалници во овие општини се едни од најуспешните, за сега со смената да признаат дека ништо не сработиле нивните досегашни градоначалници и најсмешното од се е тоа што ставаат уште понеспособни луѓе за оваа функција. Признаваат дека ништо не сработиле.

Горан Герасимовски, кој Љупчо Николовски го промовираше како нов човек за Центар е всушност стар кадар, тој е актуелен директор на Државниот завод за индустриска сопственост. Тоа е принципот на СДСМ и начинот на кој го сфаќаат поимот нов кадар – лица кои смениле и по неколку функции во државата.

Најнов кадар според нивниот принцип мораме да се согласиме им е Костадин Костадинов, миленикот на Заеви, кој ќе остане запаметен по низата скандали, како дружбите со осудените во Рекет, но и тоа како од позиција на власт си ја вработи половина фамилија во државните институции. Еден од поистакнатите за непотизам своевремено.

Од новите кадри на Заев го гледаме и Оливер Илиевски, кој е актуелен директор на ЈП Водостопанство „Кумановско – Липковско поле“ и послушник на партиската централа во градот. Илиевски нема ниту еден проект зад себе како директор, иако неколку години го води ова јавно претпријатие, а пола Куманово зборува дека е со сомнително минато и вклучително таква најава има доколку би станал градоначалник.

Ништо ново од СДСМ нема ни во Ѓорче Петров, таму СДСМ нема кого да поддржи, па во сигурен пораз оди со актуелниот градоначалник, кафанџијата Александар Наумоски, кој во изминативе 4 години не направи ништо за Ѓорче Петров, ја преспа својата функција, но не ја преспа дома или во канцеларија туку во кафеана и тргна по примерот на Петре Шилегов и Златко Марин, па за набавка на машини за перење на свој братучед даде десетици илјади евра. Класични криминалци.

Соња Стаменковска е досегашен градоначалник на Македонска Каменица која 4 години не направи ништо за општината. Иста е ситуацијата и со Сашко Поцков кој е актуелен градоначалник во Гевгелија, ист е принципот и со сите останати предложени кадри.

Ова се кадрите на СДСМ, стари и истрошени лица, и бизнисмени со сомнително минато.
Време е да ставиме крај на ваквите политики. Време е да избереме чесни и професионални кадри и суштински нови кадри како што предложивме ние од ВМРО-ДПМНЕ.

Верувајте дека со овој избор на СДСМ за кандидати за градоначалници, победата на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ е се поочигледна и поизвесна.