Не е точно дека е пронајдена ешерихија коли во водата која го снабдува Скопје. Скопјани да бидат спокојни, рече денеска скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој пред новинарите се напи чаша вода од чешма.
Ѓорѓиевски одржа вонредна прес-конференција по гласините кои масовно почнаа да се споделуваат на социјалните мрежи дека водата од скопскиот водовод е наводно загадена со ешериххија коли и дека веќе има заболени пациенти на Инфективната клиника.
– Ќе има одговорност за сите кои шират паника и хистерија, што според мене е еднакво на тероризам. До МВР ќе бидат доставени сите профили на социјалните мрежи кои шират лажни вести – порача Ѓорѓиевски.
Нагласи дека тој, неговото семејство и 8-годишниот син ја пијат оваа вода за која кажа дека е чиста и една од најквалитетните.
Тој ги обвини опозициските партии дека шират паника.
– Од одредени центри се шири паника. Тоа почна уште пред некој ден, со приказни на терен дека постоела опасност да се загрози изворот поради депонија на 30 километри од изворот Рашче. Денес се чисти депонијата, но никој не спомна дека таа депонија е на 30 километри од Рашче – рече градоначалникот.
-Скопје има една од петте најдобри води и извори во Европа. Не сум монструм кој ќе дозволи макар еден живот на моите сограѓани да биде загрозен. Секој ден на дневна основа се прават по 36 испитувања на примероци кои се земаат од разни локации во градот, истакна Ѓорѓеивски.
