Илјадници луѓе излегоа на улиците во Милано и Болоња на протести против високите трошоци за живот. Во Милано демонстрациите прераснаа во судири кај катедралата, а полицијата употреби солзавец. Во Болоња, полицијата употреби воден топ и уапси седум лица.
Според италијанските медиуми, демонстранти на плоштадот пред Миланската катедрала фрлале камења и други предмети кон полицијата. Службениците се обиделе да ги оддалечат од Галеријата „Виторио Емануел Втори“, луксузен трговски пасаж во непосредна близина на плоштадот, откако неколку групи се одвоиле од протестниот собир.
Продавниците ги спуштиле заштитните решетки, а туристите го напуштиле централниот дел на градот. За време на судирите, главната метро-станица Дуомо, која се наоѓа во близина на катедралата, била затворена. Италијанските медиуми јавија дека има повредени и дека биле извршени апсења.
Насилство избувнало и на протестот во Болоња. Полицијата употребила воден топ за да ја растера толпата, а седум лица биле уапсени, објави новинската агенција АНСА.
