Не смее да има никаква амнестија за 27 април, рече пратеничката од СДСМ, Даниела Николова, прашана за мислење околу иницијативата за амнестија на осудените која е доставена од група адвокати до Собранието.
„Одговорност за насилството од 27 април мора да има. Насилниците мора да одговараат и да излезат пред лицето на правдата, оттука ние сме против било каква поддршка за амнестија за насилството од овој најцрн ден во Република Северна Македонија, поточно најцрн ден за демократијата во нашата држава. Каква порака би пратила амнестијата, дали тоа ќе значи дека се отвара можност во иднина некој одредени политички структури повторно да превземат вакви активности. Затоа уште еднаш повторувам ние сме против било каква амнестија на насилниците од 27 април“, рече Николова.
Претходно неделава, три адвокатски канцеларии од Скопје најавија дека ќе поднесат предлог-закон чија цел е да се амнестираат осудените за крвавите настани во Собранието на 27 април.
Адвокатот Јанаки Митровски, еден од подносителите, посочи дека не го оправдува стореното, но смета дека нема поголема неправда од селективна прада. Рече дека амнестијата за експратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски, како и социјалистот Љупчо Димовски, кои ги побараа и добија – се селективни и од политичко луктративни причини. Митровски заедно со адвокатот Драган Пешевски и Петар Тимовски иницијативата ќе ја достават до сите пратенички групи.