Средбата во Тирана е новогодишна средба, средба на премиерот на Албанија со лидери на политички партии со цел размена на мислења во однос на регионот, очекувањата во новата година и посакување за подобра соработка во текот на 2023 година, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи по повод утрешната средба на лидерите на албанските политички партии од земјава во Тирана со тамошниот премиер Еди Рама.

Според Османи, на утрешната средба нема однапред агенда за која што ќе се разговара, туку повеќе ќе биде новогодишна средба и посакување успех во наредната година.

 

-Премиерот на Албанија е докажан пријател на Северна Македонија. Посебно тоа го докажа во преговорите со Бугарија, кога буквално некогаш на сметка на интересите на Албанија, се изложуваше кажувајќи ги позициите и на Македонија во тој дел. Не треба да се создаде конспирација по однос на тие средби. Партиите имаат интерес да ги искористат ситуациите, но понекогаш се поминува секоја граница. Треба да се произнесат пред своите гласачи, бидејќи преминува во немање искрен стил во делувањето, додаде министерот како одговор на новинарско прашање.

Средбата ќе се одржи во вторник (10 јануари) во Тирана и на истата ќе присуствуваат лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, првиот човек на Беса, Билал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, како и лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи.

Алијанса за Албанците и Алтернатива се „за“ средба на сите партии од албанскиот блок во земјава со албанскиот премиер Еди Рама, но, како што јавува Алсат, лидерот на Беса, Билал Касами, не сака да седне на иста маса со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. На оваа тема повеќе изјави Лимани кој вели дека немаат потреба да седнат на маса за да ја спасуваат владата.