Уште од почетокот на војната во Израел се наметнува прашањето: Каде се крие раководството на Хамас? Од информациите на Ројтерс може да се заклучи дека под Појасот Газа е изградена разгранета мрежа од подземни тунели, кои се користат за засолниште и премин, како и за напади кон Израел.

Тоа е најголемата мрежа на тунели во светот, велат дека е Газа под Газа, подземен град каде има продавници, магацини. Во некои од нив Хамас воведе дури и струја и вода, наводно е воведена клима во „специјалните“ сектори.

Џон Спенсер од американската воена академија во Вест Поинт изјави дека „Подземниот комплекс што се шири низ Појасот Газа е проблем полн со подмолни стапици и нема совршено решение“.

Тунелската мрежа, како што може да се прочита во некои извештаи и проценки, се состои од 1.300 поединечни тунели со вкупна должина од околу 500 километри. Некои тунели се наоѓаат на длабочина до 70 метри под површината. Се вели дека повеќето од тунелите се високи околу два и широки два метри, пишува Дојче веле.

Други наведуваат дека тунелите се длабоки дури 80 метри, а некои соби се многу поголеми и пошироки. Тие се обложени со армиран бетон, имаат вентилација и се дизајнирани за долготраен подземен живот.

Експертите претпоставуваат дека во овие тунели, меѓу другото, има и околу 200 заложници киднапирани од Хамас за време на терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври. Тунелите служат првенствено како складиште за оружје, храна и вода, а има и генератори, гориво и друга опрема. Експертите претпоставуваат дека под земја се крие и дел од раководството на Хамас.

Подземните тунели првично беа користени како инструмент за заобиколување на блокадата меѓу Појасот Газа и Египет, а подоцна и Појасот Газа и Израел – за шверц на стока. Поради зголемените инвестиции на Израел во системи за надзор со помош на беспилотни летала и други електронски уреди за шпионирање, Хамас инвестираше се повеќе пари во проширување на мрежата на тунели.

Израел има таканаречени бомби „Бункер бастер“, кои продираат длабоко под земја. Но, Појасот Газа е една од најгусто населените области во светот, област блокирана од една страна од Израел и (најчесто) Египет од друга страна, долга околу 40 километри и широка помеѓу шест и 14 километри, со население од околу 2,2 милиони.

Дури и да знаеше израелската војска каде се тунелите, нивното бомбардирање би било исклучително комплицирано поради специфичните карактеристики на Појасот Газа – можеби дури и невозможно.

Расчистувањето и рушењето на овие тунели ќе биде од суштинско значење ако Израел сака да го разбие Хамас. Но, борбите во густо населените урбани области и преместувањето под земја може да ја лишат израелската војска од некои од нејзините технолошки предности, а истовремено да му даде предност на Хамас и над и под земја.

Тунелската војна е карактеристика на историјата, од римската опсада на античкиот грчки град Амбракија до украинските борци кои ги задржаа руските сили во 24 километри тунели од советската ера под железарницата и Азовстал во Мариупол околу 80 дена во 2022 година.

Битките во тунелите се сметаат за едни од најтешките за борба за војската. Одлучниот непријател во тунел или пештерски систем може да избере каде започнува борбата – и често одредува како ќе заврши – со оглед на изобилството на можности за заседа.