Турската одбранбена компанија „Рокетсан“ премиерно ја претстави својата нова високобрзинска, повеќенаменска муниција наречена „Ерен“
Турската одбранбена компанија „Рокетсан“ премиерно ја претстави својата нова високобрзинска, повеќенаменска муниција наречена „Ерен“ на Светскиот саем за одбрана во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, објави Анадолија.
„Рокетсан“, водечкиот производител на ракетни системи и муниција во Турција, изложува широк спектар на свои производи на саемот, кој се одржува од 8 до 12 февруари.
Новата муниција „Ерен“ е развиена од идеја до оперативен производ за помалку од една година, соопшти „Рокетсан“. Веќе е успешно тестирана на повеќенаменското борбено беспилотно летало „Bayraktar Akinci“, а се очекува сериското производство да започне оваа година.
Муницијата е дизајнирана да ги задоволи оперативните потреби на Турските вооружени сили, како и на партнерските и сојузничките земји. Може да се лансира од беспилотни летала, хеликоптери, копнени возила, копнени системи за лансирање и поморски платформи.
Наменета е за справување со бавно движечки воздушни цели и оклопни и неоклопни копнени цели. „Ерен“ е опремен со напредни системи за наведување и има оперативен дострел од повеќе од 100 километри.
