Во текот на изминатите денови, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа 22 нови закони. Меѓу нив е и Законот за одржување на јавен ред и мир. Целта е да се спречат слични трагедии во иднина.
Во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, пратеникот Бојан Стојаноски ги изнесе деталите за новите закони.
Стојаноски информираше дека пратениците се согласиле да нема седници и комисии за време на седумдневната жалост. Истовремено ВМРО-ДПМНЕ продолжила со работа, поднесувајќи нови закони. Еден од најзначајните е Законот за одржување на јавен ред и мир, кој вклучува строги казни за малолетници затекнати во угостителски објекти и забрана за користење пиротехника во затворен простор.
Нови закони за угостителските објекти: Безбедноста на прво место, построги казни за прекршителите
Стојаноски истакна дека казните за малолетниците ќе бидат зголемени дури десет пати во однос на актуелната ситуација.
„Овој закон е донесен со цел да се спречат трагедии слични на неодамнешната, која ја потресе државата. Главниот фокус е безбедноста на младите и јавниот ред“, изјави Стојаноски.
Тој додаде дека законот ќе вклучува нови мерки за контролирање на употребата на пиротехника и ќе осигури поголеми казни за прекршителите.
Стојаноски ја изрази својата загриженост за манипулациите што ги прават поединци кои се обидуваат да политизираат трагедијата. Според него, важно е да се остави простор за органите на државата да изнесат одговорности за слученото, без да се вклучуваат политички интереси.
„Треба да оставиме на органите да ја истражат трагедијата и да го утврдат виновниот. Не треба да дозволиме да се манипулира со јавноста и да се отвораат нови политички фронтови за нечиј личен интерес“, рече Стојаноски.
Извор: Курир