Скопјани треба да се подготват за  жешки денови. Температурите до почетокот на следната недела речиси секојдневно ќе се движат меѓу 36 и 40 степени, покажува прогнозата на „AccuWeather“

За скопскиот регион е активно и жолто предупредување за екстремно високи температури во периодот од 10 до 18 часот.

Во недела максималната температура ќе се спушти на околу 36 степени, но времето и натаму ќе биде многу топло. Во попладневните часови постои можност за локален краткотраен дожд со грмежи.

И покрај можната нестабилност, опасноста од дехидрација и топлотен удар ќе остане висока, особено за повозрасните лица, хронично болните, децата и луѓето кои работат на отворено.

Во понеделник повторно се очекуваат околу 37 степени, со претежно сончево време и чувство на температура од околу 41 степен.

Во вторник топлината постепено ќе почне да попушта, но дневната температура сè уште ќе достигнува околу 34 степени.

Позначително освежување се очекува во среда и четврток, кога максималните температури ќе се спуштат на околу 30 степени, а утринските на 14 до 16 степени.

Според подолгорочната прогноза, кон крајот на следната недела температурите повторно би можеле умерено да пораснат, но засега не се најавуваат вредности како оние што нè очекуваат претстојниот викенд.

Граѓаните треба да внесуваат доволно течности, да носат лесна и светла облека, да користат заштита од сонце и, кога е можно, да го избегнуваат престојот на отворено меѓу 11 и 17 часот.