Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах најави почнување на нова кампања за вакцинација следната недела, јави ДПА.
„Наша должност е да допреме до народот“, изјави социјалдемократот за неделниот весник „Билд“. Тој рече дека широка кампања со постери, како и радио и телевизиски клипови, ќе почне од вторник. Околу четвртина од германското население се уште ја нема примено својата прва вакцина против коронавирус.
„Оваа кампања е „покреативна“ од претходните обиди да се поттикнат луѓето да се вакцинираат. И тоа е на многу различни јазици“, додаде Лаутербах.
Новата кампања за вакцинација е насочена кон различни целни групи, вклучително и постари лица, семејства и млади мажи во руралните области, како и луѓе со мигрантско потекло.
„Мора да се обидеме со се за да ја надминеме разликата во вакцинацијата, што е предуслов за евентуална задолжителна вакцинација“, рече Лаутербах.
Според Институтот Роберт Кох, најмалку 61 милион луѓе во Германија ја добиле основната имунизација со вообичаената втора инекција. Тоа е 73,3 отсто од вкупното население. Најмалку 41,7 милиони луѓе примиле и трета доза. Седумдневната национална инциденца на нови случаи на 100.000 население, пријавена од Роберт Кох, за првпат го надмина прагот од 800, достигнувајќи 806,8 утринава. Ден претходно беше 772,7, а пред една недела националната инциденца беше 515,7, наспроти само 220,7 во претходниот месец. Денеска наутро, здравствените власти во Германија му соопштија на Роберт Кох за 85.440 нови инфекции со коронавирус во еден ден, што е повеќе од 52.504 пред една недела. Експертите очекуваат се повеќе и повеќе случаи кои не можат да се регистрираат, делумно затоа што капацитетот за тестови се повеќе се исцрпува.