Од различни региони се примени 234 барања за помош со цистерни авиони во борбата против пожарите. Активни пожари има во Калабрија, на островот Сицилија и на островот Сардинија. Повеќето од нив започнале поради небрежност или биле предизвикани намерно.

Сега има 240 активни пожари низ целата држава.

На Сардинија, каде почна битката со пожарите минатиот викенд, избувнаа нови пожари во провинцијата Ористано. Камп беше евакуиран во областа Базилика поради пожар.

На Сицилија, во Агриџенто, пожарникарите се обидуваат да се справат со пожар со фронт од пет километри. Ситуацијата ја влошуваат горештините, сушата и силните топли ветрови.

Во северна Италија, ситуацијата е сосема поинаква. Таму има поројни дождови, што предизвикаа поплави и лизгање на земјиште. Провинциите околу езерото Комо во регионот Ломбардија се најтешко погодени.