Портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска изјави дека тоа би значело дека во изводите од Избирачкиот список за парламентарните избори на 8 мај ќе бидат запишани сите граѓани коишто се стекнале, односно ќе се стекнат со полнолетство и ќе наполнат 18 години заклучно со 8 мај 2024 година како ден определен за парламентарните избори. Додека за претседателските избори во изводите од Избирачкиот список ќе бидат запишани граѓаните кои се стекнале, односно ќе се стекнат со полнолетство заклучно со 24 април како датум на одржување на претседателските избори.

-Истите изводи од Избирачкиот список за претседателски избори ќе важат и за вториот круг на гласање за претседателски избори што би се одржал на 8 мај оваа година, истакна Гугучевска.

Во однос на идентификацијата на гласачите, како што нагласува таа, сите што ќе бидат запишани во Избирачкиот список ќе треба на гласачкото место да можат да се идентификуваат со некаков документ пред избирачките одбори.

-Согласно последните измени во Изборниот законик, се предвидува дека за изборите што ќе се одржат оваа година избирачите ќе можат да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите. Доколку ја земеме временската рамка, ова би значело дека на претседателските избори на 24 април граѓаните, односно гласачите би можеле да се идентификуваат секако со важечки лични документи, меѓутоа и со лични документи, лична карта или пасош чија што важност истекла почнувајќи од 24 јули 2023 година за претседателските избори, додека за парламентарните избори ќе може да се идентификуваат гласачите со важечки лични документи, или лични документи – лична карта или патна исправа која по кој било основ истекла во периодот од 8 август 2023 година заклучно со 8 мај 2024 година, нагласува Гугучевска.

Портпаролката на ДИК објаснува оти со оглед дека како ден на изборите се смета денот согласно актот за распишување на изборите, за претседателските избори изборен ден, на којшто се одржуваат изборите е 24 април, тоа би значело дека оние лица коишто се запишани во изводите за 24 април, ќе бидат запишани и во изводите од Избирачкиот список за вториот круг за 8 мај.

– Оние што ќе наполнат 18 години во меѓу периодот од две недели помеѓу претседателските и парламентарните избори тие ќе бидат запишани во изводите од Избирачкиот список само за парламентарните избори, вели Гугучевска.

За да се оствари правото, гласачот ќе мора да се идентификува со некаков документ, вели таа.

– Веќе спомнав дека мора гласачот да се идентификува или со важечка лична карта или патна исправа или, пак, лична карта или патна исправа чија што важност истекла во периодот од девет месеци пред одржувањето на изборите. Тие опции се во моментов законски она како што Изборниот законик предвидува, потенцира Гугучевска.

На 18 март истекува рокот за проверка на гласачите во Избирачкиот список како и за пријавување на гласачите во дијаспората. Според податоците на ДИК, заклучно со 14 март во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата, увид во своите податоци во Избирачкиот список направиле 4859 лица. седум лица поднеле барање за промена на своите податоци, 19 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и пет лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.

Преку електронски пат заклучно со 14.03.2024, се провериле вкупно 22122 граѓани. Поднесени се 25 барања за промена на податоци, шест барања за бришење на податоци и 10 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.

Од ДИК апелираат, граѓаните да се проверат во Избирачкиот список односно доколку е потребно да побараат промена, запишување или бришење на своите податоци од Избирачкиот список за претстојните претседателски и парламентарни избори да го сторат тоа до дадениот рок.

По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, досега се пристигнати вкупно 1451 пријави од кои 1101 се прифатени, 159 се одбиени и 191 необработени пријави.

Портпаролката на ДИК Гугучевска објаснува дека без разлика колку прифатени пријави има за гласање во дијаспората, гласање за претседателските избори ќе се организира, но за да се организира за гласање парламентарните избори потребно е да се пријават најмалку 5.355 гласачи во сите 52 конзуларни претставништва или дипломатски канцеларии во странство.

-Претседателски избори во дијаспората со оглед дека претседател на државата се избира според мнозинскиот систем на целата територија на државата, како и на сите континенти каде што живеат нашите државјани се сметаат како една изборна единица ќе бидат организирани во секој случај. За да биде отворено едно гласачко место ДПК или Конзуларна канцеларија на нашата држава во странство треба да бидат пријавени најмалку десет гласачи, изјави портпаролката Гугучевска..

Во однос на парламентарните избори, објаснува таа, пратениците се избираат и во изборната единица во странство според пропорционалниот модел, односно тука има уште еден услов како своевиден цензус. За да биде избран пратеник од Изборната единица 7 треба да освои најмалку онолкав број на гласови колку што освоил пратеник со најмал број на гласови на територијата на државата на последните парламентарни избори.

– За овие избори овој број е 5.355. Значи, најмалку 5.355 гласачи треба да има вкупно регистрирани во сите 52 конзуларни претставништва или дипломатски канцеларии во странство за да може да бидат, пред се, организирани вакви избори. А најмалку, исто така 5.355 гласачи би требало да гласаат за еден кандидат за тој да биде избран, рече Гугучевска.