Претседателката Гордана Силјановска Давкова порача дека е време да се надмине долгогодишниот застој на Македонија на патот кон Европската Унија. Таа оцени дека истите државници покажуваат разбирање во рамки на НАТО, но дека кога станува збор за ЕУ, земјата две децении се држи во лавиринт.
Изјавата ја даде по учеството на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, во рамки на Самитот на НАТО што се одржа во претседателскиот комплекс „Бештепе“ во Анкара.
„Понекогаш се чудам како може исти државници, исти претседатели, исти премиери, на еден начин да се однесуваат во рамките на НАТО, да манифестираат разбирање, а кога се работи за Европската Унија, 20 години да нè држат во лавиринтот. Време е тоа да се надмине“, порача Силјановска Давкова.
Според претседателката, нема подобро решение за силна Европа и силно НАТО од состојба на мир. Таа рече дека силата на Европа е во способноста со мирни средства да посегне по реформи и да промовира демократија заснована на основните принципи и вредности.
Силјановска Давкова истакна дека на Самитот било порачано оти Македонија е докажан и кредибилен партнер на НАТО. Според неа, земјата се однесува одговорно и во поглед на средствата и во поглед на однесувањето, поради што сојузниците можат да сметаат на неа.
Втората порака од Самитот, како што рече, се однесувала на самото НАТО и на потребата европските земји да преземат поголем товар во сопствената одбрана.
„Господинот Трамп на некој начин на НАТО му стави до знаење дека одбраната заради која е создаден не се однесува само на Соединетите Американски Држави, туку и на земјите од Европа, и дека треба да си го земат својот товар од одбраната“, рече Силјановска Давкова.
Таа додаде дека речиси сите држави, ако не и сите, веќе тргнале по тој пат, односно кон гарантирање способност да ја организираат сопствената одбрана.
Претседателката нагласи дека на Самитот се чувствувало единство. Според неа, од Трамп до останатите лидери била манифестирана решеност и подготвеност за заедничко остварување на задачите поставени уште во Хаг.
Силјановска Давкова ја цитираше и мислата на Кемал Ататурк: „Ако има дома мир, ќе има и надвор мир“. Таа повтори дека најсилна Европа е Европа што живее во мир и демократија базирана на принципи и вредности.
„Тука е посебната вредност на господинот Трамп, бидејќи тој, покрај издвојувањето на средства, постојано вели дека треба да се најде мирна солуција за сите проблеми“, рече претседателката.
Во пресрет на состанокот, Силјановска Давкова повика на „повеќе кантијанизам од макијавелизам“. Таа оцени дека мотото „Посилна Европа – посилно НАТО“ значи дека проширена и обединета Европа е посилна Европа, но дека најсилна е Европа што живее во мир и демократија.
„Денеска би сакала да кажам дека мотото ‘Посилна Европа – посилно НАТО’ според мене значи дека проширена и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилната Европа е Европа што живее во мир и демократија базирана на принципи и вредности. Тоа е мојата порака“, изјави Силјановска Давкова.
