Првичните полициски информации во Косово, објавени во тамошните медиуми, синоќа е убиен македонскиот државјанин Блерим Даци кој имал документи на име Блерим Шабани.

Според сознанија на Телма потврдени од извори во истрагата станува збор за лице осомничено дека учествувало во нападот со двојното убиство во локалот „Шиша Бар“ во старата скопска Чаршија пред три месеци. За сега нема информации дали двата настани, убиството во Приштина и нападот во Чаршијата се поврзани.

Од скопскиот Кривичен суд ни одговорија дека на Блерим Даци алијас Шабани уште во Ноември минатата година му била определена мерка притвор за нелегално поседување на оружје но никогаш не бил приведен и по него е распишана меѓународна потерница.

Претходно судот на Даци му определил куќен притвор но мерката била преиначена во затворски, а МВР потврдило дека осомничениот ниту еден ден не ја испочитувал одлуката на судот и оттогаш се води дека е во бегство.

Инаку, автомобил со македонски регистарски ознаки доцна синоќа се нашол под огнена канонада од автоматско оружке на сред Приштина, а во инцидентот убиено е едно лице кое било во македонското возило.

Дека станува збор за македонски државјанин потврди и министерот за надворешни работи Бујар Османи, но не кажа повеќе детали за инцидентот.

На еден километар од местото на убиството било пронајдено друго запалено возило за кое се претпоставува дека било користено од извршителите на ликвидацијата. Косовските медиуми објавија дека во близина на местото на злосторството биле најдени две автоматски пушки калашњиков.