Тетовската полиција работи на откривањето на лица кои издаваат лажни ПЦР тестови. Вчера, еден ваков фалсификуван тест бил пријавен во СВР Тетово.

„Вчера околу 15 часот, приватна здравствена установа во Тетово пријави дека И. М. (35) од тетовско Стримница кај нив донел фалсификуван ПЦР тест кој гласел на негово име. По извршените проверки било утврдено дека тестот е фалсификуван, односно под бројот и датумот на издавање кај нив било заведено друго лице. СВР Тетово презема мерки за расчистување на случајот и откривање на фалсификаторите“, соопшти портпаролот на СВР Тетово Фатмир Реџепи.

Во Тетово, четири лаборатории изработуваат ПЦР тестови. Едната е на Центарот за јавно здравје, а другите три се приватни. Една од нив тестовите ги изработува во својата лабораторија во Тетово, а другите две само земаат примероци кои потоа ги праќаат во Скопје на обработка.