„Ројтерс“ пишува дека на денешните протести пред парламентот на Грузија полицијата употребила солзавец, водени топови и шок-бомби во обид да ги растера демонстрантите. Стотици полицајци, од кои многумина носеле безбедносни штитови, се собрале на улиците околу зградата на парламентот во обид да ги разбијат протестите.

Што се случува во Грузија моментално може да погледнете од видео стримот ВО ЖИВО:

Облаците од солзавец принудиле барем дел од илјадниците демонстранти да се оддалечат од парламентот.

Неколку десетици луѓе претходно ја пробиле металната бариера подигната на одредено растојание од парламентот, но не покажале знаци дека се обидуваат да влезат во зградата на законодавниот дом на Грузија.

Денешните демонстрации се случуваат еден ден по судирите меѓу полицијата и активистите кои резултираа со десетици апсења. Грузиската полиција објави дека во судирите се приведени вкупно 77 лица кои се обвинети за помало хулиганство. Тие наводно фрлале со камења и со лесно запаливи материи кон полициските службеници и физички ги напаѓале.

Судирите следуваат откако пратениците во грузискиот парламент го поддржаа првото читање на нацрт-закон за странски агенти за кој критичарите велат дека ќе ѝ наштети на слободата на печатот и ќе ја турне земјата кон авторитаризам.